Колку дена во годината законски ми следува платен годишен одмор?
Платениот годишен одмор изнесува најмалку 20 работни дена.
Но во зависност од должината на работното искуство, сложеноста на работните задачи, здравствената состојба на вработеното лице, условите за работа, годините на работникот како и неговиот стаж, бројот на слободни денови во зависност од колективниот договор може и да се зголеми.
Дали можам платениот одмор да го користам во повеќе делови?
Вработеното лице има можност годишниот одмор да го користи во повеќе делови во договор со работодавачот, но еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели.
Работодавачот има законска обврска да му обезбеди на вработеното лице искористување 12 работни дена годишен одмор до крајот на календарската година, а другите неискористени денови да може да се користат до 30 јуни наредната година.
Колку денови платен годишен одмор ми следуваат за некои оправдани лични, сејмени околности?
Во Законот за работни односи точно се наведени претпоставените можни лични и семејни случувања и колку денови следуваат за нив:
- склучување брак на дете ‒ 2 дена;
- склучување брак ‒ 3 дена;
- селидба во ист град ‒ 1 ден; селидба во друг град ‒ 2 дена;
- посвојување дете ‒ 2 дена;
- елементарни непогоди ‒ 3 дена;
- смрт на баба, дедо или друг член на семејството – 1 ден;
- за полагање испит за потребите на работодавачот ‒ 3 дена, итн.
Вкупниот број денови платен одмор не може да изнесуваат повеќе од 7 дена во тековната година.
Што се случува доколку не ги искористам сите денови од платениот годишен одмор?
Работникот има право на паричен надоместок за неискористените денови од годишниот одмор само доколку тој го побарал, а не му било овозможено да го користи. Со исплатата на паричниот надоместок по основ на неискористени денови од годишен одмор, се смета дека работникот целосно го искористил годишниот одмор.
До колку денови може да се земе неплатено отсуство?
Работникот може да отсуствува од работа без надомест на плата и придонеси од плата во случаите и под условите утврдени со колективен договор, но најдолго три месеца во текот на календарската година. За време на неплатеното отсуство на работникот му мируваат правата и обврските од работниот однос.
Дали ми следуваат надоместоци за боледување?
Доколку вработениот уредно достави документи со кои се докажува дека отсуство од работа е по основ на здравствени причини тогаш тој добива надоместок на плата, што значи дека платата е намалена, согласно Законот за работни односи и Законот за здравствено осигурување, во зависност од деновите на отсуство.
Задолжителна обврска на вработеното лице е да го најави отсуството на својот непосреден претпоставен (во рок од 48 часа) и тоа да го поткрепи со документ од медицинска установа.
Кога боледувањето ми е 100% платено?
Доколку вработеното лице има нарушување на здравствената состојба, предизвикана од повреда на работа, во тој случај отсуството се смета за платено, односно платата е 100%, но потребно е да се преземат соодветни правни дејства и од страна на вработеното лице, но и од страна на работодавачот.
Колку изнесува минималната плата во Репубилка Македонија?
Платата на работникот за работа со полно работно време не може да биде пониска од минималната плата утврдена според закон и колективен договор. Според законот за минимална плата во Република Македонија од 2014 година, висината на минималната плата изнесува 10.080 денари во нето износ.
На која дата најдоцна треба да се исплати платата?
Платата се исплаќа најдоцна 15 дена по изминувањето на исплатниот период. Ако денот на исплаќањето е слободен ден, платата се исплаќа најдоцна идниот прв работен ден.
Работодавачот е должен претходно писмено да ги извести работниците за денот на исплаќањето и за секоја промена на денот на исплаќањето.
Како треба да се исплати платата?
Работодавачот е должен на работникот да му ја исплати платата на начин утврден со закон. При секое исплаќање на платата работодавачот е должен да му издаде на работникот (до 31 јануари на новата календарска година) писмена пресметка на платата, придонесите од плата и надоместоците на платата за платниот период, односно за изминатата година од кои, исто така, се гледаат и пресметката и плаќањето на даноците и придонесите.
Трошоците во врска со исплатата на платата се на товар на работодавачот.
Од кога и колку треба да трае породилното отсуство?
Работничка за време на бременост, раѓање и родителство има право на платено отсуство од работа во траење од девет месеца непрекинато, а доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) петнаесет месеци.
Врз основа на наод од надлежниот здравствен орган, работничката може да го започне отсуството за бременост, раѓање и родителство 45 дена пред раѓањето, а задолжително 28 дена пред раѓање.
Дали имам право на породилно отсуство и при посвојување на дете?
Работничка која посвојува дете има право на платено отсуство за времетраењето на периодот на адаптацијата на детето, согласно со прописите за семејството.
Дали можам да се вратам на работа пред истекот на породилното отсуство?
Работничка која користи отсуство поради бременост, раѓање и родителство, ако сака може да се врати на работа и пред истекот на отсуството, но не и пред 45 дена од денот на раѓање на детето.
Колку плата ми следува додека сум на породилно отсуство?
Висината на надоместокот на плата за време на отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство изнесува 100% од основицата на надоместокот на плата. Надоместокот за отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство се исплатува од првиот ден на привремената спреченост за работа од средствата на Буџетот на Република Македонија.